Останати вести

Општо.

Одржано вонредното собрание на 21.03.2019

На 21.03.2019 г. се одржа вонредното генерално собрание на Македонската аикидо федерација - Аикикаи Македонија.

За работа на собранието на оваа седница претседателот го предложи следниот предлог-дневен ред:

1. Предлог одлука за промена на седиште на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија;

2. Предлог одлука за измена на Статутот на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија и усогласување на целите со Законот за здруженија и фондации (Сл. Весник на РМ 52/10, 135/11 и 55/16);

3. Предлог одлука за прием на Теншинкан доџо – Скопје како нова Членка во Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија; и

4. Предлог одлука за упатување на барање на Хомбу признавање од Аикикаи Фондацијата во Токио, Јапонија.

По расправата и гласањето беа донесени следните одлуки:


Врз основа на член 23 од Законот за здруженија и фондации (Сл. Весник на РМ 52/10, 135/11 и 55/16), и член 22 од Статутот на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија, Генералното собрание на Македонската Аикидо Федерација – Аикикаи Македонија, на седницата одржана на 21 март 2019 година, донесе

 

О Д Л У К А

за промена на седиштето

на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија

 

Член 1

Седиштето за Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија се менува и новото седиште е:

Ул. Никола Тесла 2/2-26, во Скопје.

Член 2

Промената на седиштето ќе се запише во регистарот што се води кај надлежниот орган.

Член 3

Се утврдува и адреса на електронско сандаче која гласи:

Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Воспоставување на електронско сандаче и останатите потребни усогласувања ќе се запишат во регистарот што се води кај надлежниот орган.

Член 4

Се задолжува Управниот одбор на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија да ја пријави промената на седиштето кај надлежниот орган.

Член 5

Одлуката стапува на сила веднаш.

 

Бр. 01/2019

Скопје, 21.03.2019 година


Врз основа на член 23 од Законот за здруженија и фондации (Сл. Весник на РМ 52/10, 135/11 и 55/16), и член 22 од Статутот на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија, Генералното собрание на Македонската Аикидо Федерација – Аикикаи Македонија, на седницата одржана на 21 март 2019 година, донесе

 

О Д Л У К А

за измена на Статутот на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија

и усогласување на целите со Законот за здруженија и фондации (Сл. Весник на РМ 52/10, 135/11 и 55/16)

 

Член 1

Во Статутот на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија, донесен на основачкото собрание на 11.09.2006 година, се менува Членот 1 и гласи:

Член – 1

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Дефиниции

1. Македонската Аикидо Федерација – Аикикаи Македонија под терминот аикидо ја подразбира само боречката вештина основана од господинот Морихеи Уешиба во 20-тите години на ХХ век во Јапонија.

2. Во согласност со ставот 1 од овој член, во боречката вештина аикидо натпревари не се дозволени.

3. За потребите и целите на овој Статут во понатамошниот текст ќе се користат уште и следните термини:

а) АИКИКАИ МКД – скратен назив за: Македонска Аикидо Федерација – Аикикаи Македонија;

б) AK - го означува терминот: Аикидо клуб;

в) Делегат – го означува лицето избрано од секој поединечен АК, како негов претставник во Генералното собрание.

Член 2

Членот 2 се менува и гласи:

Член – 2

Форма, дејност, име и седиште

1. АИКИКАИ МКД, е непрофитно здружение на граѓани кое е основано и работи согласно законската регулатива, овој Статут и другите акти на АИКИКАИ МКД.

2. АИКИКАИ МКД е независна во управувањето, определувањето и остварувањето на целите и дејностите утврдени со овој статут, не подлежи на било какво политичко и религиско влијание од надвор и во таа насока во нејзини рамки ги забранува сите форми на било каква политичка, религиозна, полова, етничка или расна дискриминација.

3. Граѓаните се здружуваат во АИКИКАИ МКД, користејќи го со закон утврденото право за слободно здружување во здружение заради остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон, а во врска со практикувањето на боречката вештина аикидо.

4. Претежната дејност на АИКИКАИ МКД, според Националната класификација на дејности – НКД Рев.2 е:

94.99 - Дејности на други организации врз база на зачленување, не спомнати на друго место.

5. АИКИКАИ МКД, е регистрирана на неопределено време со целосна одговорност .

6. Полното име на здружението е: Македонска Аикидо Федерација – Аикикаи Македонија. Скратен назив: АИКИКАИ МКД.

7. Седиштето на АИКИКАИ МКД е во Скопје на адреса: Никола Тесла 2/2-26, а дејствува на целата територија на државата.

8. АИКИКАИ МКД може да членува во било која сродна федерација на меѓународно и национално ниво ако тоа е од стратешки интерес за неа. Одлуките за зачленување ги донесува Генералното собрание на АИКИКАИ МКД.

Член 3

Членот 3 се менува и гласи:

Член – 3

Јавност

1. Работата на АИКИКАИ МКД се заснова на начелото на јавност во работењето.

2. Јавноста на работењето се остварува преку:

а) Транспарентно објавување на статутот и другите акти на организацијата во согласност со статутот;

б) Отвореност и достапност за присуство на јавноста на состаноците на Генералното собрание. Присуството мора да биде најавено;

в) Овозможување на увид во финансиското работење на АИКИКАИ МКД од страна на делегатите во Генералното собрание на АИКИКАИ МКД;

г) Информирање преку електронските медиуми и други гласила за работата на АИКИКАИ МКД.

Член 4

По Членот 3 се додава нов Член 3-а кој гласи:

Член – 3-а

Непрофитност

1. АИКИКАИ МКД не се основа заради стекнување добивка.

2. АИКИКАИ МКД може да врши дејности со кои може да стекне добивка, ако дејноста е поврзана со целите утврдени со овој статут.

3. Ако во работењето на АИКИКАИ МКД се оствари добивка, истата мора да биде употребена за остварување на целите утврдени со овој статут.

4. Остварената добивка од ставот (3) на овој член не може да се распределува меѓу основачите, членовите, членовите на органите, вработените или кое било друго со нив поврзано лице.

Член 5

Членот 4 се менува и гласи:

Член – 4

Знак, печат и штембил

1. Знакот на АИКИКАИ МКД го утврдува Генералното собрание на АИКИКАИ МКД со посебен акт.

2. Печатот е во форма на круг, со знакот во средината. На периметарот е испишано: „Македонска Аикидо Федерација - Аикикаи Македонија“ и „Macedonian Aikido Federation – Aikikai Macedonia“.

3. Штембилот е правоаголен и ги содржи името на здружението, седиштето и адресата на неговата интернет страница, како и празно место за број и датум.

Член 6

Членот 6 се менува и гласи:

Член – 6

Цели и дејности

1. Работата на АИКИКАИ МКД се одвива заради остварување на следните цели:

а) да ја развива, афирмира, промовира, контролира и регулира боречката вештина аикидо во државата;

б) во своите рамки да воспостави стандарди во врска со програмата за подучување на аикидо и во врска со полагањето за степени, и истите да ги усогласи со меѓународните стандарди воспоставени од релевантните аикидо институции;

в) да се грижи, во своите рамки, па и општо во државата, да ја зачува вештината аикидо во духот на основачот;

г) да воспоставува, одржува и проширува односи поврзани со вештината аикидо во сите форми на меѓународно и национално ниво;

д) да ги штити заедничките интереси на сите членки на АИКИКАИ МКД;

ѓ) да го развива и негува професионализмот на сите АК, членки на АИКИКАИ МКД;

е) да извршува и други работи кои се од интерес за вештината аикидо во државата.

2. Дејностите со кои се остваруваат целите на АИКИКАИ МКД се:

а) организира аикидо презентации и семинари во сите форми и нивоа во државата, во согласност со внатрешните акти на АИКИКАИ МКД;

б) ја промовира вештината аикидо преку сите достапни медиуми во државата;

в) организира едукативни курсеви за запознавање со вештината аикидо;

г) праќа свои претставници на меѓународни настани поврзани со вештината аикидо;

д) Извршува и други дејности за стекнување средства кои се користат за остварување на целите од став 1 на овој член;

Член 7

Членот 7 се менува и гласи:

Член – 7

II. ЧЛЕНСТВО

1. АИКИКАИ МКД го сочинуваат самостојните аикидо клубови како членки, кои ги исполнуваат условите за членство пропишани со овој Статут.

2. Одлука за прием на нова членка донесува Генералното собрание на АИКИКАИ МКД.

3. Членка на АИКИКАИ МКД може во исто време да припаѓа и на друг сојуз, асоцијација или федерација.

4. Во Генералното собрание и пред другите органи на АИКИКАИ МКД, секоја членка ја претставува и застапува делегат кој таа самостојно го назначува.

Член 8

Членот 8 се менува и гласи:

Член – 8

Аикидо клубови

1. Аикидо клубовите (АК), се самостојни и одговорни се за развојот, унапредувањето и практикувањето на аикидото во рамките на својот клуб.

2. За да стане членка на АИКИКАИ МКД, секој АК треба да ги исполнува следните услови:

а) Да има својство на правно лице, т.е. да биде регистриран како здружение на граѓани кај надлежниот орган. Да има свој Статут и други акти.

б) Да ги обврзува сите свои членови да плаќаат годишна членарина кон АИКИКАИ МКД. Висината на членарината ја одредува Генералното собрание на АИКИКАИ МКД.

в) Да има инструктор кој има дозвола од АИКИКАИ МКД за подучување аикидо. Дозволите се регулираат со внатрешни акти на АИКИКАИ МКД.

3. АК, кој не ги исполнува условите од став 2 на овој член од оправдани причини, може да се припои на АИКИКАИ МКД со претходна согласност на Генералното собрание на АИКИКАИ МКД, но до исполнувањето на условите останува без право на глас и без право на активно учество во работата на Генералното собрание.

Член 9

Членот 9 се менува и гласи:

Член – 9

Постапка за стекнување статус на членка

1. За да стане членка на АИКИКАИ МКД, секој АК треба да поднесе писмено барање до секретарот на АИКИКАИ МКД.

2. Барањето треба да ги содржи следните додатоци:

а) доказ со кој се потврдува дека АК е правно лице регистрирано пред надлежен орган;

б) копија од Статутот и другите акти;

в) Одлука од собранието на кандидатскиот АК за пристапување во АИКИКАИ МКД, каде што:

- се потврдува дека кандидатскиот АК се согласува, го прифаќа и ќе се придржува на Статутот, правилниците и другите акти на АИКИКАИ МКД;

- се потврдува дека ќе ги почитува одлуките и директивите на АИКИКАИ МКД;

- се потврдува дека сите негови членови ќе ја плаќаат годишната партиципација кон АИКИКАИ МКД;

Член 10

Членот 11 се менува и гласи:

Член – 11

Правни ефекти од приемот за членка

1. После извршениот прием за членка на АИКИКАИ МКД, AK ги стекнува сите права и обврски согласно овој Статут и Законот за здруженија и фондации.

2. Членка на АИКИКАИ МКД не може да дејствува во име на АИКИКАИ МКД или да ја претставува на било каков начин доколку за тоа нема писмено одобрение.

3. Новопримената членка треба да определи свој претставник во Генералното собрание и за тоа да го извести Управниот одбор на АИКИКАИ МКД.

Член 11

Членот 12 се менува и гласи:

Член – 12

Права на членките

1. Членките ги имаат следните права:

а) да бидат поканети на Генерално собрание, да го добијат дневниот ред, да учествуваат во работата на Генералното собрание со своите претставници (делегатите), и право да гласаат во согласност со Став 2 од овој член;

б) нивните членови да имаат членски книшки издадени од АИКИКАИ МКД во кои ќе се води евиденција за постигнатите степени во аикидото, посетеноста на семинари и плаќањето на годишната партиципација;

в) да предлагаат кандидати за други тела во АИКИКАИ МКД;

г) да бидат информирани за работата во АИКИКАИ МКД преку интернет страницата на АИКИКАИ МКД;

д) нивните членови да учествуваат во сите семинари и демонстрации организирани од страна на АИКИКАИ МКД, согласно критериумите и системите за нивно одржување;

ѓ) да ги користат и сите други права согласно овој Статут и другите акти на АИКИКАИ МКД.

е) да се групираат според начинот на вежбање или следење на определен учител, и притоа да имаат независност во однос на техничките аспекти на практикувањето на вештината.

2. Правото на глас секоја членка го добива само под следните услови:

а) членката да има минимум 10 (десет) членови;

б) минимум 10% од вкупниот број на членови да излезат на полагање во рок од една година;

в) Годишните членарини од сите членови да бидат собрани во првиот месец од финансиската година, а доколку нов член пристапи подоцна, исто така во рок од еден месец од неговото пристапување да биде наплатена годишната членарина. Пристапувањето на нов член не може да биде подоцна од неговото прво полагање за степен во рамки на федерацијата.

Член 12

Членот 13 се менува и гласи:

Член – 13

Обврски на членките

1. Секоја членка – АК ги има следните обврски:

а) да се грижи и да ги штити интересите на АИКИКАИ МКД, а во секој случај да се воздржува од било какви активности спротивни на интересите на АИКИКАИ МКД;

б) да ги плаќа редовно сите трошоци и надоместоци;

в) да дава известувања и информации до Управниот одбор на АИКИКАИ МКД за промените на своите акти;

г) да ги прифати, почитува и спроведе сите акти (Статутот, правилниците, директивите и одлуките) на АИКИКАИ МКД;

д) да ги преземе сите мерки и активности, за сигурна примена и спроведување на актите од одредба г), од страна на сите негови членови;

ѓ) да го почитува начелото за ненатпреварување;

е) да ги почитува принципите на лојалност, интегритет и пристојно однесување;

ж) да ги решава сите настанати евентуални недоразбирања во рамките на АИКИКАИ МКД, преку демократски дијалог и решенија кои се во интерес на развојот на вештината аикидо на целата територија на државата;

з) да ги почитуваат и превземаат сите други обврски од овој Статут или од правилниците, директивите и одлуките на АИКИКАИ МКД.

Член 13

Членот 15 се менува и гласи:

Член – 15

Губење статус на членка

1. Статусот на членка се губи со истапување, исклучување или престанок на постоење на членката. Воедно, губењето на статусот на членка значи и престанување на сите права во врска со АИКИКАИ МКД.

2. Губењето на статусот на членка не ја ослободува членката од нејзините финансиски обврски спрема АИКИКАИ МКД или спрема другите членки на АИКИКАИ МКД кои ги имала во моментот на губењето на статусот на членка.

Член 14

Членот 19 се менува и гласи:

Член – 19

А. ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ

Дефиниција и состав

1. Генералното собрание е највисок орган на АИКИКАИ МКД, а составено е од делегатите на сите членки на АИКИКАИ МКД.

2. Освен делегатите, на Генералното собрание се повикуваат почесни претседатели и членови, и лица од страна кои се определени од Генералното собрание како лица за консултации, сите без право на глас.

Член 15

Членот 20 се менува и гласи:

Член – 20

Избор на делегати

1. Секој делегат е назначен од својот АК со самостојна одлука. Делегатите ги претставуваат АК на ниво на АИКИКАИ МКД. Доколку назначениот делегат е лице различно од претседателот или старешината на одреден АК, тогаш одлуката за неговото назначување мора во писмена форма да биде доставена до Генералното собрание.

2. Мандатот на делегатите е неограничен. Нивното менување се врши во рамките на секој поединечен АК.

3. Мандатот на делегатот може да биде прекинат и во случај на:

а) исклучување на АК, чиј делегат е тој;

б) суспендирање на АК, чиј делегат е тој;

в) изречена затворска казна повеќе од шест месеци.

Член 16

Членот 21 се менува и гласи:

Член – 21

Број и одредување на делегати

1. Бројот на делегати зависи од бројот на АК што се членки на АИКИКАИ МКД.

2. Бројот на делегати се одредува според следниот критериум:

а) секоја членка ја претставува 1 делегат;

Член 17

Членот 22 се менува и гласи:

Член – 22

Надлежности

1. Генералното собрание ги има следните надлежности:

а) го донесува, врши измени и дополнувања на Статутот на АИКИКАИ МКД;

б) донесува, врши измени и дополнувања на годишна програма за работа и на други акти на АИКИКАИ МКД;

в) усвојува годишен извештај за работа и го објавува на својата веб страница;

г) ја усвојува годишната завршна сметка и одлучува за распределба на добивката или за покривање на загубата;

д) го усвојува извештајот на Претседателот на АИКИКАИ МКД;

ѓ) го усвојува извештајот за активностите на Управниот одбор;

е) го донесува буџетот;

ж) доставува финансиски извештај до надлежниот орган на државната управа, односно до органот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во случаите кога користи средства од Националниот Буџет, односно буџетите на единиците на локалната самоуправа;

з) го одредува износот на годишните членарини кои ги плаќаат членовите од секој АК кон АИКИКАИ МКД;

ѕ) одлучува за промена на целите на АИКИКАИ МКД;

и) избира претседател, потпретседател и секретар и го отповикува мандатот на претседателот, потпретседателот и секретарот;

ј) одлучува по предлогот на Управниот одбор за именување на почесен претседател или почесен член од лица што имаат посебни заслуги за аикидото во АИКИКАИ МКД;

к) донесува одлука за примање, суспендирање или исклучување на членка;

л) одлучува за зачленување на АИКИКАИ МКД во сродни организации на меѓународно и национално ниво;

м) одлучува за доделување на признанија и награди предложени од Управниот одбор;

н) одлучува за расформирање на АИКИКАИ МКД со двотретинско мнозинство на гласови од сите делегати.

Член 18

Членот 23 се менува и гласи:

Член – 23

Редовно генерално собрание

1. АИКИКАИ МКД одржува редовни и вонредни Генерални собранија;

2. Редовно Генерално собрание свикува Управниот одбор, еднаш годишно, во периодот од три месеци по завршувањето на финансиската година. Поканите за седницата на Генералното собрание мора да бидат испратени на членките најмалку 30 дена пред неговото одржување.

3. Дневниот ред го одредува Управниот одбор. Дневниот ред, извештајот за активностите, буџетот, завршната сметка и другите релевантни документи, мора да бидат испратени на членките најмалку 30 дена пред состанокот.

4. Секој делегат, освен почесните претседатели и членови, има право да бара дополнување на дневниот ред. Воедно треба да се осигура дека Генералниот секретар на АИКИКАИ МКД го примил издржаното барање, најмалку 20 дена пред состанокот.

Член 19

Членот 24 се менува и гласи:

Член – 24

Дневен ред за редовното Генерално собрание

1. Дневниот ред за редовното Генерално собрание мора да ги содржи најмалку следните точки:

а) обраќање на Претседателот;

б) усвојување на записникот од претходното генерално собрание;

в) усвојување на извештајот од Управниот одбор;

г) усвојување на завршната сметка за претходната година;

д) усвојување на буџетот за следната година;

ѓ) разгледување на предлог амандманите на Статутот и на правилниците на АИКИКАИ МКД, за кои е надлежно Генералното собрание;

е) прашања од делегатите и разно.

2. Приемот на нова членка мора да стои во дневниот ред и тоа по завршувањето на сите дискусии.

3. Суспензијата или исклучувањето на членка мора да се изврши пред да почне било каква дискусија.

4. Дневниот ред може да биде изменет само ако со гласање се изјаснат две третини од присутните делегати.

Член 20

Членот 25 се менува и гласи:

Член – 25

Вонредно Генерално собрание

1. Управниот одбор може да закаже вонредно Генерално собрание, доколку оцени дека тоа е неопходно.

2. Управниот одбор е должен да закаже вонредно Генерално собрание, ако најмалку 1/3 делегати достават писмено барање и тоа не покасно од 30 дена од доставувањето на истото. Ако собранието не се закаже, делегатите што го испратиле барањето можат сами да го закажат собранието.

3. Известувањето за собранието мора да биде испратено најмалку 30 дена пред состанокот, до сите делегати.

4. Дневниот ред и другите релевантни документи, мора да бидат испратени до делегатите најмалку 10 дена пред собранието.

5. Кога вонредното Генерално собрание е закажано по иницијатива на Управниот одбор, истиот мора да го направи и дневниот ред. Кога вонредното Генерално собрание е закажано по иницијатива на најмалку 1/3 делегати, дневниот ред мора да ги содржи точките предложени од тие делегати.

6. Дневниот ред на вонредното генерално собрание не може да се промени под никакви околности.

Член 21

Членот 26 се менува и гласи:

Член – 26

Кворум

1. Генералното собрание донесува полноважни одлуки, кога се присутни апсолутното мнозинство (50% + 1) од делегатите што имаат право на глас, освен за прашањата поврзани со измени во статутот и расформирање на АИКИКАИ МКД, кога е потребно да бидат присутни две третини од делегатите со право на глас.

2. Ако не е обезбеден кворум, треба да се одржи второ генерално собрание, и тоа 7 дена по првото со истиот дневен ред. За второто Генерално собрание не е потребен кворум, освен ако која било точка од дневниот ред не предвидува измени во Статутот на АИКИКАИ МКД, избор на претседател, отстранување на еден или на повеќе членови од орган на АИКИКАИ МКД, исклучување членка на АИКИКАИ МКД или расформирање на АИКИКАИ МКД.

Член 22

Членот 28 се менува и гласи:

Член – 28

Одлуки

1. Генералното собрание не може да донесува одлуки за прашања кои не се на дневен ред.

2. Членките ги претставуваат нивните назначени делегати. Секој делегат има право на еден глас, и не може да претставува друга членка.

3. Доколку не е на друг начин предвидено со Статутот, одлуките се донесуваат со просто мнозинство (50% +1) од гласовите на делегатите што се присутни и имаат право на глас.

4. Одлуките поврзани со промена на седиштето на АИКИКАИ МКД, измени на Статутот, измени на дневниот ред на редовното Генерално собрание, отстранување на член од орган, избор на почесен претседател или член, исклучување на членка од АИКИКАИ МКД или расформирање на АИКИКАИ МКД, мора да бидат донесени со двотретинско мнозинство гласови од сите делегати што имаат право на глас.

5. Гласањето се одвива со подигање на рацете или со прозивање, освен ако една третина од присутните делегати со право на глас не побараат тајно гласање.

6. Неправилните гласачки ливчиња, празните гласачки ливчиња или било кои други форми на неправилности, нема да бидат земени во предвид при броењето на полноважно дадените гласови.

7. Во случај на изедначено гласање, гласањето се повторува. Доколку и второто гласање е изедначено, одлуката ја донесува претседателот.

8. Гласање со полномошно е дозволено, само ако носителот на полномошното е член на АК чиј што делегат го издал полномошното.

9. Одлуките донесени на состанокот, треба да влезат во сила еден ден по нивното донесување, освен ако на состанокот не се одреди друг датум.

Член 23

Членот 31 се менува и гласи:

Член – 31

Состаноци

1. Управниот одбор треба да одржува состаноци по потреба во текот на една година. Претседателот на Управниот одбор ги свикува и закажува состаноците.

2. По барање на член на Управниот одбор, претседателот мора да закаже состанок во рок од две недели од доставувањето на барањето. Ако претседателот не закаже состанок во тој период, тогаш членот што го доставил барањето може да го закаже состанокот.

3. Претседателот го одредува дневниот ред за состаноците. Потпретседателот и Генералниот секретар мора да ги достават до претседателот своите предлог точки за дневниот ред на состанокот, најмалку две недели пред состанокот. Дневниот ред мора да биде испратен до членовите на Управниот одбор најмалку осум дена пред состанокот.

4. Состаноците на Управниот одбор не се јавни, меѓутоа Управниот одбор може да покани трети лица да присуствуваат на состанокот. Тие лица немаат право на глас и можат да искажат мислење само со дозвола на Управниот одбор.

Член 24

Членот 35 се менува и гласи:

Член – 35

Претседател

1. Само делегат во Генералното собрание може да биде избран за Претседател на АИКИКАИ МКД.

2. Претседателот мора да има живеалиште на територијата на државата.

3. Само делегатите во Генералното собрание на АИКИКАИ МКД може да предложат кандидат за Претседател на АИКИКАИ МКД. Предлогот мора да биде доставен до Генералниот секретар на АИКИКАИ МКД, во писмена форма и најдоцна 20 дена пред одржувањето на Генералното собрание.

4. Претседателот ги има следните надлежности:

а) ја претставува АИКИКАИ МКД;

б) закажува Генерално собрание и состаноци на Управниот одбор;

в) претседава со Генералното собрание и со состаноците на Управниот одбор;

г) се грижи за спроведување на одлуките на Генералното собрание и Управниот одбор;

д) се грижи за правно и ефикасно функционирање на органите на АИКИКАИ МКД и за остварување на целите од овој Статут.

5. Ако претседателот е отсутен или не е во можност да присуствува, неговите надлежности ги превзема потпретседателот. Доколку и потпретседателот е отсутен или не е во можност да присуствува, Управниот одбор ќе го води член на Управниот одбор кој најдолго време е член или пак најстариот член на Управниот одбор.

6. Било какви дополнителни надлежности на Претседателот ќе бидат содржани во внатрешните организациски правилници на АИКИКАИ МКД.

Член 25

Членот 39 се менува и гласи:

Член – 39

IV. ФИНАНСИИ

Сметки на АИКИКАИ МКД

1. АИКИКАИ МКД има своја жиро сметка во една или повеќе банки во Скопје избрани од Управниот одбор.

Член 26

Членот 40 се менува и гласи:

Член – 40

Финансиски период

1. Финансискиот период е една година и почнува на 1-ви јануари, а завршува на 31-ви декември.

Член 27

Членот 41 се менува и гласи:

Член – 41

Приходи

1. Приходите на АИКИКАИ МКД потекнуваат од следните извори:

а) Годишна членарина од членовите на сите АК;

б) приходи од комерцијалните права (реклама, маркетинг, публикации, секаков вид на медиумски права и други) на кои АИКИКАИ МКД има право;

в) приходи од таксата за пријавите за полагање за степен;

г) доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија;

д) средства од Националниот буџет, буџетите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје;

ѓ) дејности со кои се стекнува добивка, кирии и закупнини, како и приходи од инвестиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со закон.

Член 28

Членот 44 се менува и гласи:

Член – 44

V. РАСФОРМИРАЊЕ

Одлука

1. За престанување на работата - расформирање на АИКИКАИ МКД, потребно е двотретинско мнозинство од вкупниот број на делегати со право на глас во Генералното собрание, кое се свикува посебно за таа цел.

Член 29

Членот 46 се менува и гласи:

Член – 46

VI. ИНДИВИДУАЛНИ ОРГАНИЗИРАЊА

Организирање семинари

1. АИКИКАИ МКД е надлежна за организирање на официјални семинари и аикидо демонстрации одржувани на територијата на државата.

2. Членките можат да организираат семинари во свои рамки за кои АИКИКАИ МКД не е одговорна.

3. Членките се обврзуваат семинарите што ги организираат во свои рамки да не се одвиваат истовремено со семинарите организирани од АИКИКАИ МКД.

Член 30

Членот 47 се менува и гласи:

Член – 47

VII. ОСТАНАТИ ОДРЕДБИ

Интернет страница на АИКИКАИ МКД

1. АИКИКАИ МКД има своја интернет страница која е нејзино официјално стручно-информативно гласило.

2. Управниот одбор донесува посебни акти во поглед на содржината, финансирањето и други активности поврзани со оваа интернет страница.

Член 31

Членот 48 се менува и гласи:

Член – 48

Дипломи, сертификати, признанија и награди

1. АИКИКАИ МКД, во согласност со посебни внатрешни акти, е надлежна за доделување на степени за техничко достигнување во боречката вештина аикидо. За истите издава дипломи.

2. АИКИКАИ МКД доделува и други сертификати во согласност со нејзините внатрешни акти.

3. АИКИКАИ МКД може да додели признанија и награди за посебни заслуги за аикидото во својата држава. Управниот одбор на АИКИКАИ МКД донесува посебен акт, кој се однесува на условите, постапката и видот на признанијата и наградите.

Член 32

Членот 51 се менува и гласи:

Член – 51

Преодни одредби

1. АИКИКАИ МКД, треба да ги усогласи своите акти до 60 дена по стапувањето на сила на овој Статут.

2. АК, треба да ги усогласат нивните сопствени статути и правилници до 60 дена по стапувањето на сила на овој Статут.

3. Со донесувањето на овој статут престанува да важи Статутот на АИКИКАИ МКД донесен на основачкото собрание на 11 септември 2006 г.

Член 33

Членот 52 се менува и гласи:

Член – 52

Донесување и влегување во сила

1. Овој Статут е усвоен на основачкото собрание, одржано на 11 септември 2006 година во Скопје со учество на следниве членки-основачи на АИКИКАИ МКД:

- АК Хенбо аикидо доџо - Скопје;

- АК Аикидо Икеда доџо - Скопје;

2. Измена на овој Статут е усвоена на Вонредно Генерално собрание, одржано на 21 март 2019 година во Скопје со учество на следниве членки на АИКИКАИ МКД:

- АК Хенбо аикидо доџо - Скопје;

- АК Аикидо Икеда доџо - Скопје;

- АК Заншин – Куманово;

- АК Бушидо – Велес; и

- АК Хеиши – Скопје.

3. Овој Статут влегува во сила од денот на запишувањето на АИКИКАИ МКД во регистарот кај надлежниот орган.

Член 34

Се задолжува Управниот одбор на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија да ја пријави промената и Пречистениот текст на Статутот да го достави кај надлежниот орган.

Член 35

Одлуката стапува на сила веднаш.

 

Бр. 02/2019

Скопје, 21.03.2019 година

 

 


Врз основа на член 23 од Законот за здруженија и фондации (Сл. Весник на РМ 52/10, 135/11 и 55/16), и член 7 и член 9 од Статутот на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија, Генералното собрание на Македонската Аикидо Федерација – Аикикаи Македонија, на седницата одржана на 21 март 2019 година, донесе

 

О Д Л У К А

за прием на Теншинкан доџо – Скопје како нова Членка

во Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија

 

Член 1

Аикидо клубот Теншинкан доџо – Скопје, регистриран пред надлежниот орган со ЕМБС 6231101, станува членка на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија.

Член 2

Претставник на Аикидо клубот Теншинкан доџо – Скопје, во Генералното собрание на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија, т.е. негов делегат ќе биде лицето Панче Миланов.

Член 3

Се задолжува Аикидо клубот Теншинкан доџо – Скопје да ги пријави своите членови во Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија.

Член 4

Се задолжува Управниот одбор на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија да му издаде на Аикидо клубот Теншинкан доџо – Скопје сертификат за членство.

Член 5

Одлуката стапува на сила веднаш.

 

Бр. 03/2019

Скопје, 21.03.2019 година


Врз основа на член 23 од Законот за здруженија и фондации (Сл. Весник на РМ 52/10, 135/11 и 55/16), и член 22 од Статутот на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија, Генералното собрание на Македонската Аикидо Федерација – Аикикаи Македонија, на седницата одржана на 21 март 2019 година, донесе

 

О Д Л У К А

за упатување на барање на Хомбу признавање од Аикикаи Фондацијата во Токио, Јапонија

 

Член 1

Согласно Меѓународните правила, издадени од Аикикаи фодацијата во Токио, Јапонија, во 1980 г., а ревидирани во 2000 г., Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија ќе бара признавање (Hombu recognition) од Аикикаи фодацијата.

Член 2

Се задолжува Управниот одбор на Македонската аикидо федерација – Аикикаи Македонија да ги преземе сите дејствија потребни за упатување на барањето за признавање.

Член 3

Одлуката стапува на сила веднаш.

 

Бр. 04/2019

Скопје, 21.03.2019 година



 

Контактирајте не'

ул. Никола Тесла 2/2-26, Скопје 1000, Македонија

  • dummy+389 (70) 764066

  • dummy+389 (2) ******

  • dummy office@aikikai.org.mk

Сметка

Примач: Аикикаи МКД - Скопје
Адреса: Никола Тесла 2/2-26 Скопје
Банка: Комерцијална банка АД
Сметка: 300000002348115

Search